Јосипа Лисац (14 Февруари 1950, Загреб) ја започна кариерата во 1960тите како членка на групата Златни Акорди. Нејзиниот прв самостоен албум “Дневник једне љубави” беше издаден во 1973 година и критиката го смета за едно од најзначајните остварувања во некогашната југословенска музичка историја.

Фото: Last.fm

Кога говориме за Јосипа, неминовно е да го споменеме нејзиниот животен сопатник, Карло Метикош, кој и помогна да ги изрази сите нејзини скриени таленти. Тие заедно работеа на вкупно 13 албуми и голем број концерти и настапи.

Фото: tportal.hr

Парот ја започна својата љубовна приказна во вечерните часови на 19-ти Февруари. Јосипа штотуку зачекори во дваесеттата година. Беше несфатена девојка, изгубена на музичката сцена. Таа со восхит и недоверба гледаше во Метикош, пејачот со неверојатен глас и необичен изглед. Од друга страна, Карло Метикош беше музички авантурист, познат под псевдонимот Мет Колинс, рокер, кој во потрага по ангажмани се појави на улиците на Париз, преку ден спиеше под мостовите на Сена и живееше меѓу скитници.
Патиштата го одведоа од Советскиот Сојуз, преку Иран до Етиопија. Патем, се свршуваше 20тина пати: за една грофица, неколку манекенки, ќерка на еден генарал, келнерки… Но сето тоа се смени од корен при едно враќање во Петриња, каде што на настап се запозна со Јосипа.

“Таа беше малку дебелка, симпатична, но пееше феноменално“ – рече Карло. Првата плоча што Јосипа ја купи во животот беше плоча од Мет Колинс.
Судбина…

Фото: XXZPortal

Од тој момент, нејзината кариера стана поважна од неговата. Нивниот прв заеднички албум беше наречен “Дневникот на една љубов”, сосема соодветен, бидејќи нивните животи станаа токму тоа. Тој правеше музика за неа, а таа ја изведуваше онака, како што никој друг не би можел никогаш. Заедно се стекнаа со слава, заедно останаа сосема различни и целосно свои, патувајќи и живеејќи ја уметноста.

Фото: Kupindo.com

Карло почина млад, на крајот на 1991 година, на возраст од 51 година, но нивната љубов не умре никогаш. Уште следната година, Јосипа организираше концерт во негова чест, кој стана традиционален. На овие концерти се споменува Карло и неговото вечно присуство во нејзиниот живот и песни.

“Живеам со свеста дека сме духовно заедно и дека само физички сме се разделиле. Само луѓето кои се опседнати со љубовта знаат дека таа не е во погледот, туку во чувството. И зошто тогаш, некој треба да ме праша: – Сега, како понатаму, Јосипа? Па, токму заради тоа што чувствувам дека ништо не престанало… Тешко е да се зборува за тоа. Физички го живеам својот живот, го носам својот товар, но како можам да го искажам тоа поинаку, освен преку моите концерти и мојата личност за која тој е толку заслужен? Ме подигна на пиедестал како божица и ме оспособи да можам понатаму сама.”

“Не и припаѓам на просечноста, од почетокот барав начин да се создадам себеси и да останам доследна на себе. На концертите се случува една неверојатна експлозија од емоции и колку ги примам истите, толку и ги давам на публиката. Тоа е она што ме прави среќна, прекрасно е што можам да го поделам она што го чувствувам“, вели единствената Јосипа во интервју за novilist.hr.

Фото: Wikipedia

Многу пати ја прашуваа зошто таа и Карло никогаш не стапиле во брак, на што Јосипа одговара:
“Бракот како да го изгуби својот идентитет, не можев да поднесам некој да ме нарекува сопруга … за Карло никогаш не бев неговата сопруга, туку само неговата Јосипа.“

Јосипа Лисац важи и за една од најголемите модни икони на Балканот.
“И денес кога поминувам на улица луѓето ќе се свртат; Ова е конзервативна средина, каде што многумина повлекуваат некои прашања за кои многу малку знаат; уште во седумдесеттите ме обвинуваа за алкохолизам, наркотици, само затоа што сум поинаква, можеби затоа што некогаш сум имала розова боја на коса … “
За тоа дека е дама со најмногу стил, таа вели: “Па тоа не е некаков моден стил, тоа нема врска со мода. Јас имам една посебна врска со сцената, со сценското изразување, со тоа како се покажувам себеси визуелно. Мислам дека луѓето се раѓаат со некакви ставови, со некоја сложеност во главата, пронаоѓаат нешто што им се допаѓа, нешто во што се чувствуваат добро. Некои луѓе ми велат дека сѐ ми стои добро, фризурите, фустаните што ги носам…Најважно во животот е да се осмелите… Да пробувате нови работи и да одберете нешто во што ќе се чувствувате добро. Кога ќе излезам на бина, можеби првите 10 минути ќе ме гледате, но потоа ќе ме слушате. Тоа е важно“, вели Лисац.

Фото: Wikipedia

Јосипа смета дека најважна од cè е духовната сила. “Не си силен ако имаш многу пари, туку ако знаеш многу, ако работиш многу, ако можеш многу, ако си талентиран. Тоа се некои други богатства кои исчезнуваат и малку ги има. Мене не може да ме мотивира материјта. Ме мотивираат соништата. Многумина ќе се смеат, но без тоа – ништо не оди. Мораш да сонуваш, да гледаш низ прозорецот, да фантазираш … Така создавале големите умови … а денес исчезна духовната сила. Кога човекот паѓа духовно, сè се руши. “

Пред својот роденден Јосипа рече: “Во Февруари е мојот и роденденот на Карло. “Дневник једне љубави” се роди во тој луд месец. Во Февруари се сретнавме. Затоа морам да бидам среќна.”
Денес, 28 години по неговата смрт, Јосипа сè уште не најде нова љубов. Како што призна неколку пати, таа никогаш не барала друга љубов. “Отсекогаш велев дека постои само една љубов. А некои би сакале две, три, па дури и четири. Каква бахатост? Значи тие никогаш не ја доживеале вистинската љубов и сè уште ја бараат. Карло за мене беше и остана посебен. После него, нема место во моето срце, тоа е засекогаш пополнето “, рече Јосипа.

Насловна фотографија: ShibenikIN

Остави одговор

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.