За својот 101. роденден Финска си подари библиотека во вредност од 98 милиони евра, во која ќе “работат” роботи, наместо библиотекари.

Новата Централна библиотека на Финска што ја дизајнираше финската фирма „АЛА Архитектс“ беше отворена на 3. Декември во чест на одбележувањето на 101-годишнина од независноста на Финска.
Кога станува збор за најписмената земја во светот, нема подобар подарок за нејзиниот народ од оваа најсовремена, огромна библиотека, во која се очекуваат околу 10.000 посетители на ден.

Зградата се наоѓа во центарот на градот, наспроти парламентот и планот претставува интеракција помеѓу државата и нејзините граѓани, “нова авенија за промовирање на слободата на говорот и демократијата”. Библиотеката е огромна структура од дрво и стакло и таа треба да биде место за знаење и учење, во земјата која во 2016 година беше рангирана како најписмена на светот. Според официјалната статистика, во Финска, која брои 5,5 милиони жители, годишно се позајмуваат 68 милиони книги.

Во библиотеката се сместени100.000 книги, а постојат и музички студија и студија за видеопродукција, кино и работилници со 3-Д принтери и ласерски режачи. Сите тие се бесплатни за јавноста.

Наместо библиотекари, ќе има роботи, кои со мали вагони ќе ги земаат вратените книги и ќе ги носат до соодветните полици, а таму вработено лице ќе ги става на точното место.

„’Ооди’ му дава ново, модерно значење на поимот библиотека. Таа e куќа на литературата, но исто така и куќа на технологијата, музиката, филмот, на Европската Унија“, вели Томи Лаитио, извршен директор за култура и забава на Хелсинки.

Остави одговор

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.