Незавршено покајание – Тим Бакли

Тим Бакли (14 Fевруари 1947 – 29 Jуни 1975) беше американски пејач, текстописец и гитарист. Неговата музика и стил значително се менувале низ годините; Ја започнал својата кариера со фолк рок, но понатаму експериментирал со џез, психоделија, фанк, соул, авангарден звук и глас кој звучи како инструмент.
Иако Бакли не доживеа комерцијален успех за време на неговиот живот, тој ги восхитува подоцнежните генерации со неговите музички иновации и неговите вокални способности.
Почина на возраст од 28 години од предозирање со хероин, оставајќи ги зад себе неговите синови Тејлор(посвоен) и Џеф Бакли(биолошки), кој подоцна стана музичар. Џеф ја изведе “Никогаш не сум побарал да бидам твојата планина” на комеморацијата на Бакли во Бруклин, 1991 година, шест години пред неговата несреќа… од тука почнува тажната приказна за Тим Бакли раскажана од Владимир Алимпиќ.

Како би се изнаприкажал сега со стариот мој; само да му кажам – спиј мирно, сè е во ред …
Секој син со години го бара патот како да излезе од долгата сенка на татко му. Ниту јас не бев исклучок. Ниту Тим Бакли не беше исклучок. Негово проклетство, сепак, беше да потоне во уште поголема сенка. Сенката на својот син.

Талентот и артизмот, Тим не ги носеше како награда: ги носеше како траума. Таткото, груб Ирец, ветеран од Втората Светска Војна, го потценуваше вриењето на уметноста во Тим: воениот синдром како бакнеж на ужасот ќе го обележи семејството Бакли во уште две генерации потоа.

Од семејството, Тим ги понесе само плочите на Мајлс Дејвис. Гласот стана негов инструмент и медиум за комуникација со Мајлс преку високите полутонови. Толку е лесно да се препознаат, треба само да се влезе во таа река… прва со него ќе заплива Мери Гиберт.

Мери беше супер суштество: полна со живот и талентирана, како и Тим, класично образувана пијанистка и врсничка. Пред неа, талентот не мораше да го крие, напротив. Осумнаесет години и многу музика се чинеа како добар почеток. Се венчаа, Мери забремени … Тим го издржуваше своето ново семејство со давање часови и свирење по клубови. Таму го запозна тапанарот на Запа, Џими Карл Блек и го фасцинираше со својот талент. Тој го препорача на менаџерот Херб Коен, што го води до Џек Холцман, сопственик на Електра. Сè се случува молскавично: зборуваме за неколку месеци. Добри времиња, добра сцена…
Пред талентот на Тим, просторот брзо се отвораше… можеби пребрзо за неговиот брак. Односите со Мери стануваа комплицирани, а проблемите растеа заедно со нејзиниот стомак. Тие се разделија во Октомври 1966 година. Еден месец подоцна, се роди Џефри Скот; Тим веќе беше далеку, или барем мислеше така…

Деби-албумот и одличниот бенд му дуваа во едрата, тоа беа најдобрите денови на американската електро-фолк сцена, тукушто создадена после Дилановата електрификација. Сè беше ново и добро: нови пријатели, нови жени, нови приходи; сето тоа, сепак, не беше доволна замена. Тој знаеше дека е Татко и недостасувањето како оган се ширеше во него.

Што можеше да стори 20-годишното момче заглавено во првиот сериозен судир со самиот себе? Поделен помеѓу успехот и љубовта, тој се спасуваше создавајќи нова музика, и само една години по неговиот првенец дојде блескавиот албум Goodbye&Hello, чиј насловот многу кажува. “The Morning Glory” е прв во серијата класици на Тим Бакли, но највпечатлива е песната “I never asked to be your mountain“. Во песната за неговата сопруга и синот, пред кулминацијата, соголен пред болката, фалсетот на Бакли преминува во вресок – Baby, pleaEEESSE! – и неговото потресно отпуштање станува признание дека без Мери и Џеф ништо веќе нема да биде исто; така снимената болка, меѓутоа, години подоцна, ќе отвори необичен канал за комуникација помеѓу таткото и синот…

Новите искуства, новите дружења, лудата сцена од крајот на 1960-тите, Лос Анџелес и хемијата на Сан Франциско го одведоа Тим во нов звук без лимит: чуден хибрид од фолк, џез и импровизации. Албумите “Happy Sad” и “Blue afternoon”, се бисери на лудата 1969 година. И растечката тага, која што Тим Бакли веќе не ја криеше. Тој песните веќе не ги нарекуваше песни, туку тие сега беа писма … Дали знаеше колку вредат тие писма? Можеше ли да знае? Настрана што сите овие песни останаа и со секое слушање вредат повеќе после толку многу децении; но дали тој веруваше дека љубовта кон синот кого вистински не го ни запозна ќе стане поголема од нивните животи?

Тажниот трубадур стана и рок-ѕвезда; во време кога таков статус беше голема привилегија. Неговото лице ги привлекуваше сите, од тинејџерки до нивните баби, и жени и мажи и се закануваше да го смени фокусот од музиката. Тоа го плашеше, тој реагираше нервозно и правеше инциденти. На еден концерт, на половина песна, една тинејџерка му се приближи и му подаде црвен каранфил; го зеде, го стави во устата, го изџвака и го исплука. Тоа беше порака …
Па реши да замине повторно, овој пат во слободен џез. Така дојдоа уште два албуми, “Lorca” и “Starsailor”. Лорка и денес е превисок дострел, ѕверски отсвирена плоча, со која не можете да читате весници и да појадувате: таа бара цел човек.

Помеѓу психоделичниот фалсет и баритонот, Тим провлекува фри џез текстури … поп-ѕвездата која намерно се гаснеше себе си. Тогаш никој не го разбираше тоа. Денес знаеме дека тоа беше крик на уметник кој вреди повеќе. Заштитен знак на албумот ќе остане “Song to the siren”, интимна медитација пред која трепереа Роберт Плант, Брајан Фери, This Mortal Coil, Џон Фрусцианте, Синед О`Конор и многу други: зарем не гледаш дека сакам да се смеам? Помеѓу тешките рифови и хроматски скали, момчето Тим црташе по своето срце исто како и првиот пат. Зошто да не, тој имаше само дваесет и две години и душа, голема како океан.

Во 1969 година, неговата музика леташе високо. Сепак, заминувањето во pure art имаше своја цена. Исто како и неговите херои, Мингус, Мајлс и Монк, тој премина кон настапи во мали сали, клубови, во провинција; скршнувањето од главниот тек го плати скапо: го напуштаа и музичари и менаџери и продуценти. Само песните остануваа.

Време беше Starsailor да премине на нов брод. Ништо ново: како што некогаш ја симна шапката на Дилан и го облече капутот на Мајлс, така и сега се преслече и облече нов костум. Секс фанк – така тој го нарече. Во неговата целосна зрелост, Тим Бакли звучеше совршено во секоја инкарнација и секоја трага во тие години ја посипа со златна прашина: сега тој веќе имаше 25 години и сите права на овој свет да бара заборав во промискуитетот и да пишува за тоа: како и во сè друго, тој и таму се предаваше без остаток (“Greetings from LA”).

Безмилосно се самоуништуваше, но тој никогаш не беше подобар (“Get On Тop”, “Make It Right”, “Devil Eyes”, “Sweet Surrender” беа бисери); “Look At The fool” и “Sefronia” се ремек дела. Еве како тој се предаваше на сцената:

Смртта беше непотребна, но логична; и јас не би сакал овој пат да зборувам за неа. Претпочитам да прескокнам петнаесет години (во кои што не беше заборавен, туку напротив, да речеме, целиот опус на “Mortal Coil” беше посветен на Бакли) и во 1991 година беше tribute концертот на Тим Бакли. Претпоставувате како се викаше? “Greetings from LA“, се разбира. Музичарите се ‘уште ја сакаа таа плоча и ја вртеа до бесвест.

Ова, сепак, не беше обичен трибјут. На него се појави нашиот херој од почетокот на приказната: Џеферсон Скот. Само сега се викаше Џеф Бакли.

Фото: ВВС

Незаборавениот син од неговиот татко не наследи ништо, дури и авторските права: зад Тим Бакли, остана само гитарата и засилувачот. Хм, и не баш само тоа – Џеф го наследи и лицето и гласот и талентот на татко му. Зарем е малку? Веќе во првата песна ќе докаже дека е вистински Бакли: “I Never Asked To Be Your Mountain” … тоа беше директен пренос на нова средба на двете изгубени души. Во песната во која Тим и се обраќа на мајката на Џеф со крик – Baby, pleaEEESSE! – Џеф на крајот го додава својот стих:

I want to feel the tide pull through me
like a woman drunk in sin,
let the fish swim through me,
let the water take my skin.

Дали Тим го слушна? О Боже, дали го слушна? На сцената Џеф се бореше со себе и плимата од емоции што го гушеа – не само добри. Тој дури не беше на погребот на својот татко и требаше да се состават тие две скршени стакла …
Подоцна зборуваше дека не знаел како ќе ја заврши последната нумера – “Once I was”. Неговата мајка го научи да ја свири таа стара песна, но никогаш не ја завршија до крај; ќе паднеа пред крајот, немоќни пред солзите. И тогаш тоа се случи како божји знак – на 25.21 може да се слушне како на Џеф му пука жица на гитарата и тој сосема непланирано останува сам со својот глас:

Sometimes I wonder for a while
Do you ever remember me?

И замина од сцената, засекогаш останувајќи бесмртна песна на својот татко.

Џеф Бакли стана многу поголема ѕвезда од Тим. Иронично, денес, со името на Тим Бакли, најчесто оди објаснувањето ‘JeffBuckley-father-to-be’. Неправедно, нереално, дури и глупаво, но тоа се модерни времиња и низ тој водопадот не вреди да се спушта; не е ниту важно: важно е дека тие некаде повторно се татко и син … дека Тим би бил горд на сето она што само Џеф умееше да го препознае и повторно да му ги запали факелите на Бакли.

Можеби и мојот татко ме гледа од некаде … тато, спиј мирно, сè е во ред.

зa P.U.L.S.E: Vladimir Alimpić

Остави одговор

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.