Борбената принцеза од Сомалија, која течно говори англиски, француски, италијански и арапски јазик и британскиот камелеон се заколнаа на вечна верност во 1992 година во една американска црква. Тоа беше трет брак на Иман, а втор на Дејвид. Во мираз тие донесоа по едно дете и заеднички смисол за хумор. За сведок, Дејвид го зеде синот од својот прв брак, Данкан Џонс, кој тогаш имаше 20 години.
Љубовта помеѓу ексцентричниот рокер, еден од најоригиналните и најдобрите музичари и Иман, убавицата и деловна жена, траеше 25 години. “Мојата љубов е конечна, вистинска и конкретна” – им порача Боуви на двете семејства, кои беа против овој брак.
Родена во Могадишу, Иман го помина најголемиот дел од своето детство во Саудиска Арабија, каде што нејзиниот татко бил сомалиски амбасадор, како и во Египет, каде што таа одеше во средно училиште. Зад Иман стои 15 годишна кариера на супермодел, улоги во два филма (“Мојата Африка” и “Звездени патеки 6”), автобиографијата “Јас сум Иман” и две децении работа на сопствената козметичка линиија за жени со темна кожа и нејзина сопствена модна линија со јарки бои и етнички дизајни Global Chic.
Својата камелеонската природа Боуви ја манифестираше во шеесеттите и седумдесеттите години како Фолкер, биполарно суштество, синоок блузер, марсовец, рок-ѕвезда, предводник на новиот бран … Филм, пантомима, тибетски будизам, глума, љубов … Тој експериментираше со сè. Во 1980-тите години се сврте кон мејнстримот, а во деведесетите, кон индустрискиот рок, рапот и денс музиката.
Дејвид ја имал видено Иман три пати пред да се запознаат и секогаш низ главата му поминувала истата мисла: “Кој е оваа магична жена?” Во 1990 година ги споил Теди Антолин, фризерот чии клиенти биле и двајцата. “Таа ноќ, кога се запознавме, јас веќе размислував како ќе се викаат нашите деца”.
Што ги поврзало? Необичното чувство за хумор. Иман рече дека се омажила за Боуви заради тоа што тој “се зезал цело време” и затоа што насмевката не му исчезнувала од лицето. “Веќе не чувствувам осаменост што ме следеше во многу силна форма подолго време. Осаменоста е еден вид поттекст за повеќето од моите песни “, рече Дејвид. Најголем комплимент за неговиот брак, Давид даде во едно од неговите интервјуа: “Ми се допаѓа каде што сум и чувството во сопствената кожа. Значи, ми се допаѓа кој сум, со кого сум и што правам. Постигнав рамнотежа во мојот живот.” Тој, исто така, рече: “Мојот најдобар пријател е мојата сопруга”, како и “уживам повторно да бидам татко и сопруг”.
Иман рече дека е омажена за Дејвид Џонсон, а не за Дејвид Боуви и дека му угодува на својот сопруг како и секоја друга жена. “Кога одлучивме да имаме бебе, секоја вечер готвев за да создадеме чувство за семејство и дом. Ги слушнавме Ела Фицџералд, Нина Симон и Руфус Вејнрајт. ” Оваа врска, која многумина ја нарекуваа “ванила и чоколада”, се разликуваше од сите други. Освен конзистентноста на карактерите, недвосмисленото пријателство и взаемното позитивно влијание, Иман и Дејвид покажаа дека љубовта ја сметаат за уметност. Свесни дека животот го прават малите работи, го користеа секој момент да “служат” еден на друг исо цел да покажат колку им се важни нивниот брак и нивното пријателство. “Ми се допаѓа да сум дома и да се бавам со семејството”, рече Иман. “Жал ми е, но папараците нема да заработат пари на мене.”
Откако се венча со Иман, Дејвид раскрсти со журките и ноќиот живот. “Иман и јас излегуваме многу ретко. Наместо да ги трошиме нашите вечери на премиери и забави, повеќе сакаме да останеме дома … Токму ваква жена чекав цел живот “… претходно бев несигурен и се плашев од врските. Јас навистина не припаѓав никому. А сега припаѓам. Тоа е кул. Добро ми е во овој свет … Затоа ме нервира тоа што животот има крај. Сега, кога се разбирам себеси и другите, треба да умрам. Колку глупава игра! Нема никој со кого би можел малку да разговарам за правилата на играта. Толку би сакал да доживеам 200 или 300 години.” Никој не знаеше дека е болен. Алкохолот и дрогата ги остави четврт век пред тоа. Од осумдесеттите години, тренираше три пати неделно со боксерски тренер во Њујорк и секојдневно медитираше. Запрашан каков е неговиот придонес во светот, Давид одговори во неговиот стил: “Комични панталони”? Шашави фризури? Немам поим.
Психолозите се согласни дека Иман и Боуви дефинитивно оставија зад себе формула на среќата. Брачните другари кои јавно, убаво зборуваат еден за друг се среќни. Науката, исто така, вели: За да трае долго, љубовта мора да се храни со позитивни илузии. Среќните двојки гледаат еден на друг низ розови очила, ги идеализираат своите квалитети, ги превидуваат своите недостатоци. Тие го освежуваат сеќавањето за почетокот на нивната врска, се враќаат на местото каде што се бакнале за прв пат … И не им пречат коментарите на околината. Ним им се допаѓа така и точка.

 

Остави одговор

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.