Потребите на детето во периодот на растење често се менуваат, па затоа се препорачува на неколку години да се преуредува детската соба, барем во нејзините детали. Доколку сте во можност, избирајте само природни материјали.

Детската соба има повеќенаменска улога, па така освен за спиење се користи и за игра и за забава со пријателите. Оваа просторија е место во кое се изразува детската среќа, нивната креативност, љубопитност, тага, лутина. Доколку детето не сака да го минува времето и да спие во неа, проверете дали е лош фенг шуи на собата.

Уредете ја просторијата едноставно и удобно, прилагодена на возраста на детето. Изберете природни, лесни материјали со светли бои. Во детските соби никако не се препорачува тежок, масивен мебел со темни бои бидејќи тој исклучително многу ја забавува енергијата. Секако оставете доволно простор за игра.

Детската соба брзо станува пренатрупана со играчки што делува негативно на расположението и на размислувањето на детето. За складирање на играчките поволни се лесни кутии и сандаци кои се наоѓаат на подот, полици или неколку мали шкафчиња. Висечките кошари за ситни играчки претставуваат практично и декоративно решение. Поттикнете го детето пред спиење да ја уреди својата соба. Сите уништени, стари играчки и книги и облеката која детето ја надраснало отстранете ги од собата.

Одберете кревет кој има заглавје од полн материјал. Креветот со заглавјето треба да биде прилепен до ѕидот и поставен на тој начин што детето ќе може да го види влезот во собата. Поставување на креветот под прозорец или на средина на собата не е поволно.

Сè што се наоѓа над креветот и го притиска детето додека спие (како што се полици или шкафчиња) има штетно влијание на квалитетот на сонот и на здравјето. Поместете го креветот за да го избегнете ова негативно влијание. Ѕидовите околу креветот може да ги украсите со постери со мотиви на природа, животни, ликови од цртани филмови или со идолите на детето. Се препорачува за големите површини, како што се ѕидовите, да се изберат пастелни нијанси, додека интензивните бои помалку да се употребуваат. Црната и црвената боја се единствени бои со кои треба да бидеме внимателни.

На пазарот се почесто може да се најде убаво дизајниран детски мебел со секоја фиока или вратичка во различна, интензивна боја. За целосно уживање во детската соба побарајте разнобојни рамки за фотографиите, столни ламби, ѕидните часовници, украсни перничиња, закачалки за облеката, метро за мерење на висина и садови за боички.

Присуството на аквариуми, растенија или фонтани треба да се избегнува, бидејќи создаваат неповолна јанг енергија во детската соба. Огледалата исто ја држат “будна” детската соба што претставува проблем во ноќните часови кога детето треба да спие.

При изборот на украсите и мебелот вклучете ги децата и овозможете им да внесат што е можно повеќе идеи во овој простор, дури и да не се по ваш вкус. Добро уредената соба во која вашето дете се чувствува сигурно и пријатнo ќе има позитивно влијание на неговиот развој.

Извор: Се За Домот

Остави одговор

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.