Иако како причина на загадувањето како најчест се издвојува ракот на белите дробови, неодамнешни студии спроведени во Европа и во Америка, ја идентификуваат врската помеѓу загадувањето на воздухот и зголемениот ризик од појава на рак на дојка, црниот дроб, панкреасот и уринарниот тракт. Според студијата во Journal of Investigative Medicine, 2018, се истакнува дека високите концентрации на фини честички (PM2,5) и во помала мера, озонот, може да бидат поврзани со зголемен ризик од развој на рак на устата, вели Асс. д-р мед. науки Јовановска Јанева, супспецијалист пулмо-алерголог на Универзитетската Клиника за пулмологија во Скопје.

Доктор Јанева, повеќе од еден месец е почната грејната сезона, а повторно концентрациите на загадувачи на воздухот се многу високи. Постои ли надеж дека оваа зима ќе дишеме почист воздух?

– Ништо не е од повитално значење за човечкиот организам од дишењето: во еден животен век, затоа што околу 250 милиони литри на воздух поминува низ нашите бели дробови. Одејќи пеш низ една прометна градска сообраќајница вдишуваме околу 20 милиони честички. Со самото разбирање на начинот на којшто загадениот воздух влијае на нашите тела, стануваме сѐ позагрижени за квалитетот на средината во којашто живееме, благодарение на научните истражувања и мерења.

Несомнено е дека загадениот воздух е најголемиот предизвикувач на рана смрт, и според Светската здравствена организација (СЗО) во светот умираат околу 4,2 милиони луѓе годишно, многу повеќе од заболените од сида, туберкулоза и маларија заедно. Загадувањето на воздухот е поекстремно изразено во земјите во развој, а најалармантна и најзагрижувачка е ситуацијата во јужна и источна Азија, Индија, Кина, Пакистан и во Иран во кои се наоѓаат најзагадените градови во светот. И Македонија е на оваа листа, за жал, според најновите истражувања таа е на шестото место во светот.

Во Македонија веќе неколку години е актуелен проблемот со загадувањето на воздухот, но сметам дека сѐ уште не се преземаат сериозни мерки за прогресивно подобрување на квалитетот на воздухот. Сепак, тоа не е процес кој би се решил преку ноќ, но е проблем за кој треба да се грижиме сите заедно. Очекувам дека надлежните институции веќе се во тек со светските пракси и дека Македонија во скоро време ќе успее да се исправи пред овој предизвик.

Граѓаните како да станаа експерти, па постојано ги користат поимите „високи концентрации на честичките 2,5 ПМ и 10 ПМ во воздухот“. Што, всушност, ни се случува во нашиот организам при вдишување на овие таканаречени опасни честички и која е најдобрата одбрана од нив?

– Загадениот воздух се состои од комплексна мешавина на цврсти и течни материи од органско и неорганско потекло. Дел од нив се ПМ честичките, чии главни компоненти се сулфат, нитрат, амонијак, натриум хлорид, катран, минерален прав и можат да имаат различна големина. Честичките 10ПМ, имаат 10 микрометри во дијаметар, тие се најголеми, најмногубројни и главно се задржуваат на лигавицата на горните дишни патишта. Честичките 2,5ПМ имаат 2,5 микрометри во дијаметар и можат да навлезат до најмалите дишни патишта т.н. во алвеолите. Тие не само што ги оштетуваат белите дробови, туку влегуваат и во крвниот проток.

Загадениот воздух повеќе не е невидлив убиец, загадувањето не запира, бројот на пациенти е во пораст. Колку се точни информациите дека освен респираторните и кардиолошките болести, загадениот воздух е причина за неколку илјади годишно заболени од рак?

– Аерозагадувањето доведува до влошување на состојбата на хроничните респираторни заболувања (астмата, хроничната опструктивна белодробна болест (ХОББ), пневмонијата, алергиите и кардиоваскуларни заболувања (кардиомиопатии, инфарктот…). Исто така, долготрајната изложеност на аерозагадувањето може да даде одредени симптоми и кај здравата популација, а како највулнерабилна категорија би ги истакната малите деца, бремените жени и повозрасните лица над 65 години кои најчесто се жалат на чешање, печење и солзење на очите и носот, отежнато дишење, стегање, свирење во градите, надразнителна сува кашлица, а се последица на воспаление на лигавицата на респираторниот систем, односно на белите дробови.
Постојат многу студии кои го поврзуваат аерозагадувањето со појавата на неколку видови на рак, а како најчест се издвојува ракот на бели дробов. Но, неколку неодамнешни студии, спроведени во Европа и во Америка, ја идентификуваат врската помеѓу загадувањето на воздухот и зголемениот ризик од појава на рак на дојка, црниот дроб, панкреасот и уринарниот тракт.
Оваа година излезе студија која е публицирана во Journal of Investigative Medicine, 2018, во која се истакнува дека високите концентрации на фини честички (PM2.5) и во помала мера, озонот, може да бидат поврзани со зголемен ризик од развој на рак на устата.

Дали заштитната маска е решение против аерозагадувањето. Во тој контекст, прочистувачите на воздух во последно време како да станаа тренд. Дали тие навистина се спасот, имајќи предвид дека амбиенталниот воздух е енормно загаден, а основно за еден прочистувач е тој да врши замена на воздухот?

– Препораките се дека кога амбиенталниот воздух е енормно загаден, треба да се избегнува физичка активност, трчање, вежбање, движење на отворен простор или доколку е неопходно да се престојува надвор, потребно е да се користат специјализирани маски со филтри. Доколку е многу загадено, препораките се дека треба да се затвораат прозорците и да користат прочистувачи на воздухот.
Во овој период пожелно е да се употребуваат антиоксиданти во форма на сокови или свежо овошје и зеленчук кои се богати со витамини Е, Д и Ц (агруми, темно зелен зеленчук како брокула и спанаќ се добри извори на витамин Ц). Кога тие се консумираат во нормални дози имаат докажан ефект во намалувањето на штетното влијание на оксидативниот стрес врз клетките.

Според вас, кои системски мерки треба да се преземат за македонските градови да не бидат на врвот на европската листа по загаденост?

– Анализирајќи ги основните причини за аерозагадувањето и појавата на ПМ честичките кои се како последица на транспортниот сектор (46%), резиденцијалниот и комерцијалниот сектор (20%) и индустријата (17%), системските мерки кои би требало да се преземат за подобрување на квалитетот на воздухот, пред сѐ, треба да се темелат на сериозна анализа и стратегија која системски од година во година ќе ги намалува овие бројки. Неопходно е притоа да се преземат мерки на рестрикција, мерки на забрана на употреба на одредени сегменти во секторите, да се едуцираат граѓаните и да се врши континуирано мерење и следење на квалитетот на воздухот.

ПМ честичките го зголемуваат ризикот од рак

Истражувањата докажале дека ПМ честичките навлегуваат и во виталните органи како мозокот, црниот дроб, слезината и во бубрезите. Постојаната изложеност на ПМ честичките (особено 2,5ПМ и помалите) предизвикуваат влошување на кардиоваскуларните и респираторните заболувања, како и зголемен ризик од појава на малигни заболувања.

Треба да се истакне дека постојат сериозни ризици по здравјето на луѓето, не само од изложеноста на ПМ честичките, туку и од изложеност на озонот (О3), азот диоксид (NO2) и сулфур диоксид (SO2).

Наскоро ќе се знаат ефектите од прочистувачите на воздух

Во моментов СЗО врши систематски преглед на ефективноста на користењето на лични маски со филтри и прочистувачи на воздух како мерки за ублажување на влијанието на загадувањето на воздухот врз здравјето и глобалниот извештај се очекува да биде објавен во наредните месеци.

Асс. д-р мед. науки Елена Јовановска Јанева
супспецијалист пулмо-алерголог

Извор: Слободен Печат
Кристина Апостолова

 

Остави одговор

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.