Знаете ли воопшто кој е Luca Turin? Биофизичар, писател и колекционер на парфеми. Издал неколку книги на тема парфеми, од кои можеби најпозната е ‘Perfumes: The A-Z Guide‘ која ја напишал заедно со Tania Sanchez. Тој многу долго работел на теоријата за разбирање на тоа како работи нашиот мирисен апарат. Често оспоруван, како од консументите, така и од парфимериите, сепак се работи за звучно име во оваа област.

Да се разбереме, и оваа, како и секоја листа е многу субјективна. Некои од овие парфеми може да ви се допаѓаат, а некои не. Можеби не ви се допаѓа ниту еден, а можеби ви се допаѓаат сите, а многу е возможно да не сте ни пробале некои од нив. Еве ја листата.

Guerlain – Apres l’Ondee

Ориентален цветен мирис. По Лука, ова е хелиотроп од рајот. Тој е многу стар мирис, кој веќе наполни 100 години.

Bvlgari – Black

 

Омилениот парфем на Анџелина Џоли. Се појави во 1998 година и со доминантните мирисни ноти на кожа, ванила, чај и амбер, предизвикува чувство на чад и спалена гума. Оригинално наменет за  дамите, денас тој се смета за унисекс мирис.

Serge Lutens – Bois de Violette

Темјанушка, дрво, темјанушка. Според Лука, ова е референтен, ориентаелен парфем од дрво.

Guerlain – L’Heure Bleue

Уште еден класик, стар преку 100 години. Уште еден ориентален цветен мирис, полн со исклучително женствени ноти – ирис, хелиотроп, ванила, каранфил, бензоин,…

Jean Patou – Joy

Референтен цветен парфем кој бил обележје на многу актерки од стариот Холивуд. Омилен парфем на Вивиен Ли. Јасмин, ружа, тубероза, мошус,….

Chanel – Chanel No 5

Овде секако, не треба да се трошат зборови. Мислам дека секој би сакал да има боца како онаа од “Посетители” и со неа да ја полни кадата, како што тоа го направија Жан Рено и Кристијан Клавие. Девојките денес велат дека овој парфем е за постари жени, но кога еднаш ќе го пробаат, тој им се вовлекува под кожата и после некое време, тие ги повлекуваат своите зборови.

Guerlain – Mitsouko

Уште еден речиси сто години стар парфем и уште еден парфем за сите времиња. Мов помешан со зачинет компот од праски.

Yves Saint Laurent – Rive Gauche

Референтен мирис со нота на роза, вистински класик кој името го добил според левиот брег на реката Сена, која тече низ Париз. Оригинално замислен да биде наменет за сите слободни дами. Со прилично алдехиди и мов, денес тој е реформулиран и некогашната метална нота на ружа е доста ослабена.

Guerlain – Shalimar

И уште еден класик кој често се реформулира. За данешни времиња, винтиџ изданието од 80те, без проблем би поминало како машки мирис. Денес тој е значително ослабен и осиромашен, а неговите љубителите го признаваат или винтиџ изданието, или посебни фланкери или парфеми инспирирани од Шалимар. По Лука, ова е референтен ориентален мирис.

Mugler – Angel

Ориентален гурманлук, убиец.  Еден тон пачулија, карамела, чоколада, слаткотии и овошје од сите видови. За дамите кои сакаат да доминираат со просторот

Остави одговор

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.