Прикажува 1 од 2

Во домот на Жанета Гелевска Вељаноска

Просторот во кој што живееме го носи нашето обележје. Денес сме во прекрасната семејна кука на Жанета Гелевска – Вељаноска, Жани каде таа живее со сопругот Владо, децата и домашното милениче Бруно.

Жани е дипломиран сликар и за нејзиното сликарство говорат делата со нивната разиграност, топли бои испреплетени како сонот и јавето и совршено осмислени форми.  Сликите на Жани нè асоцираат на животна радост и детска разиграност: посебни, шарени, насмеани, искрени, мили, топли – ете таква е Жани, такви се нејзините платна, а тоа се рефлектира и на нивниот дом.

Живеејќи на релацијата Скопје – Лондон и излагајќи низ повеќе европски градови, Жани од секаде ги понесува убавите чувства и импресии и сето тоа го вкајува и во нивниот семеен дом. Нејзиниот живот е како патување во кое се менуваат сонот и стварноста, а така дише и нејзиниот дом.

Куќата е проектирана, буквално, од татко за ќерка и зет, од познатиот скопски архитект Живко Гелевски-Жиц.  Со многу светлина, големи прозорци, голем дневен простор на неколку нивоа се протега на првиот кат од оваа прекрасна куќа во центарот на нашиот град.  Дрвените скалила не водат на горниот кат, каде што се наоѓа и атељето на Жани, просторот во кој се случува целата магија, со тавани и прозорци со двојна висина.

Целиот простор силно го одразува карактерот на домаќините, нивниот стил на живеење и принципите од кои тие се раководат во животот.

Во него се во ретка конзистентност софистицираните парчиња во комбинација со разиграноста, топлите бои испреплетени како сонот и јавето, совршено осмислени, формите и функционалноста.

Големиот простор е составен од повеќе целини кои функционираат посебно, па секој може да си има свое катче за различни функции, а сепак да се заедно, бидејќи се е отворено. Топли бои, многу прекрасни детали и спомени од патувањата кои се составен дел од нивните животи, а сето тоа со неизбежниот финален допир на Жани.

Нејзината уметност е испреплетена во секој сегмент и детаљ: со прекрасните марокански прекривки, перничиња, свеќници и лампи, во хармонија со предметите насликани од Жани (абажури, свеќници, прекрасните огледала, од кои најголемото ве одушевува во антрето). Сето тоа создава една рафинирана пријатност која ја чувствувате уште од влезот во домот, како вистинска магија.

Овој дом како одново да не повикува да му се вратиме.   Во целост емитува уметност на радоста на живеењето, оптимизам, страст за живот, топлина и занимање за едноставните нешта во секојдневието на животот. Сето тоа е во една прекрасна хармонија и баланс, а не монотоно и вообичаено.  Во меѓувреме, се надеваме дека екипата на interior.mk ќе биде поканета да го посети нивниот дом во Лондон. Којзнае што би не очекувало таму!

За галеријата продолжете на следната страна.

Прикажува 1 од 2

Коментарите се забранети