“Можеби мојот успех е во тоа што сите мои слики се дел од мене, имаат парче од мојата душа. Можеби мојот успех беше чиста среќа. Таа среќа често може да побегне од човекот. Сликите на Ван Гог не само што ја имаат неговата душа, тие се натопени со неговата крв, а сепак тој не го доживеа својот успех. Затоа, ќе повторам, времето е најсигурен критериум. Тоа ги поставува работите на нивното вистинско место. “ – рекол Мазев.

Петар Мазев е роден на 10 Февруари 1927 година во Кавадарци, а починал на 13 Март 1993 година во Скопје. Заедно со Никола Мартиноски, тој е најеминентен претставник на експресионизмот.
Мазев завршил Академија за ликовна уметност во Белград.
Бил член на групата „Мугри“, професор на Архитектонскиот факултет и еден од главните иницијатори за формирањето на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Самостојно изложувал во Скопје и на голем број групни изложби во земјата и во странство.

Изработил и мурал во Железарницата во Скопје 1967 година, мозаици во Стопанска банка и Државна болница 1971 година, Спомен костурница во Велес, 1979 година; керамопластика кај споменикот на Илинден, Крушево, 1974 година. Добитник е на Октомвриска награда за сликарство 1960 год., Ноемвриска награда на град Скопје 1977 година и многу други.

Македонија за Мазев претставувала супстрат на силни емоционални доживувања, предизвикани од необично суровата, контрастна драматика на географската структура, здивот на минатото и патината што е втисната во нејзината материја, во старите згради и предмети.

Неговиот опус опфаќа широк распон на ликовен израз, од фигурација, преку енформел до карактеристичен ликовен ракопис кој ги обединува овие двa ликовни изрази. Мазев минал низ неколку фази во творештвото, од кои особено значајна е „белата“ фаза.

Во овие бели слики, авторот искажува носталгија за своето детство, тие го потсетувале на Велигден кога се било варосано во бело. „Неговиот личен експеримент од тој период, во изминативе 50 години се претвори во ликовна парадигма, стана пример како треба да се слика, да се сака сликарството и како треба во него да се вложи душата и срцето. Белите слики на Петар Мазев се македонските икони на 20 век, не во смисла на слепо верување туку како модели на возобновување на живеењето и доблестите на уметноста“.

За уметникот, Проф. Живко Поповски рекол: “Перо Мазев околу себе ширеше поинакво вреднување меѓу луѓето – еден комодитет во однесувањето. Во негово присуство можеше да се разговара во атмосфера на еднаквост; тој беше демократска и отворена личност. Кога во друштвото беше тој, се уриваа границите на протоколот, на хиерархијата, на наметнатите гледишта – се создаваше вистинска атмосфера на еднаквост, на истражување, на преиспитување и критички сомнеж, на интелектуална храброст, секој чувствуваше дека има право да се искаже за се`. Тој се трудеше околу тоа… Перо Мазев беше поетично- чувствителна, дури и лирско-плашлива личност. Во него постоеше некаков лирско-нежен и не епски страв. Не само за себе, туку и за другите.

Во творештвото настапуваше храбро, но во животот беше загрижен, подеднакво и за себе и за најблиските околу себе. Дури и за најобичните луѓе што ги среќаваше патувајќи низ Македонија и насекаде по светот каде што го водеше патот, искажуваше егзистенцијалистичка јанѕа пред опасностите и заканите во животот.
Тој беше љубов.Таа секогаш му недостигаше. Тој бараше љубов – за да страда!

Во тоа страдање, во таа жестокост тој наоѓаше сила за да може да работи, за да се искажува.Кај него , всушност творечката екстаза не беше во уживањето, туку во страдањето. Мазев сето тоа го претвораше во слика. Неговите слики се полни со екстаза, со бурен еротизам, со израз на внатрешна страст. “

“А кога би му забраниле на Паганини да ја држи виолината и кога би му ја одзеле, или кога би му ги одзеле боите и четките на Мазев, можеби тој би ги проголтал сопствените слики за да може повторно да произлезат од неговото тело?!” – Сергеј Андреевски.
„Му ги тргавме сликите од пред очи, оти од многу енергија црташе брз готови дела“ – Симон Шемов за неговиот вујко Мазев.

Опусот на Петар Мазев е сè уште отворен и привлечен за ново разоткривање. Огромната почит, воодушевеност и љубов кон харизматичниот уметник и неговото творештво се повторуваат, исто како кога тој беше физички присутен меѓу нас.

Остави одговор

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.