Доба на изумирање
Биодуверзитет

Светот има две години да најде начин да ѝ помогне на природата да го спречи „тивкиот убиец“ кој е подеднакво опасен како и климатските промени, вели лицето одговорно за биодиверзитет

ОН предупреддуваат ако не го сопреме губењето биодиверзитет можно е и нашиот вид да изумре.

Фотографија: Улет Ифансасти/Гринпис (Ulet Ifansasti/Greenpeace)

Во наредните две години светот мора да најде нов начин да соработува со природата, или човештвото би можело да биде првиот вид кој ќе го документира сопственото изумирање, предупредува шефот на Обединетите нации за биодиверзитет.

Пред клучната меѓународна конференција на која ќе се разговара за колапсот на екосистемите, Кристијана Пашка Палмер (Cristiana Pașca Palmer) изјави дека луѓето во сите земји треба да извршат притисок врз нивните влади да изготват амбициозни глобални цели до 2020 година за да ги заштитат инсектите, птиците, растенијата и цицачите кои се од суштинско значење за глобално производство на храна, чиста вода и секвестрација на јаглерод (отстранување на јаглерод диоксид од атмосферата и складирање во течна или цврста форма).

„Губењето биодиверзитет е тивок убиец“, изјави таа за Гардијан. „Тоа е различно од климатските промени, каде што луѓето ги чувствуваат последиците во секојдневниот живот. Со биодиверзитетот, тоа не е толку очигледно, но откога ќе почувствувате што се случува, може да биде предоцна“.

Пашка Палмер е извршен секретар на Конвенцијата на ОН за биолошка разновидност – светско тело одговорно за одржување на системите за поддршка на природниот живот од кои зависи човештвото.

Нејзините членови – 195 држави и ЕУ – ќе се состанат во Шарм ел Шеик, Египет, овој месец, за да започнат разговори за нова рамка за управување со светските екосистеми и флората и фауната. Тоа го означува стартот на интензивни преговори кои ќе траат две години, кои Пашка Палмер се надева дека ќе кулминираат во нов амбициозен глобален договор на следната конференција во Пекинг во 2020 година.

Поборниците за зачувување на биодиверзитетот очајнички повикуваат за договор за биодиверзитет кој ќе ја носи истата тежина како и договорот за климатски промени од Париз. Но, досега, разочарувачки малку внимание е посветено на оваа тема, и покрај тоа што многу научници велат дека тоа претставува закана за човештвото што во најмала рака е исто толку опасна како климатските промени.

Последните два позначајни договори за биодиверзитет – од 2002 и 2010 година – не успеаја да ја спречат најсериозната загуба на живот на Земјата по изумирањето на диносаурусите.

Пред осум години, според Целите за биодиверзитет од Аичи, нациите ветија дека барем за половина ќе го намалат уништувањето на природните живеалишта, ќе обезбедат одржлив риболов во сите води и ќе ги прошират природните резерви земјиште од 10 на 17 отсто, сметано во сметски размери, до 2020 година. Но, многу нации заостануваат во работата, а оние што создадоа повеќе заштитени подрачја не вложиле доволно грижа за нивната заштита и одбрана од злоупотреба. „Резерви што постојат само на хартија“ може да се најдат од Бразил до Кина.

Ова прашање не е приоритет на програмите на политичките партии. Во споредба со самитите одржани за климатските прашања, мал број шефови на држави присуствуваат на разговорите за биолошка разновидност. Дури и пред Доналд Трамп, САД одбија да го ратификуваат договорот и испраќаат само набљудувач. Заедно со Ватикан, тоа е единствената земја членка на ОН која не учествува.

Пашка Палмер вели дека сепак има мала надеж. Неколку природни видови во Африка и Азија се обновуваат (иако повеќето се во опаѓање), а шумската покривка во Азија е зголемена за 2,5% (иако на други места таа се намалува, и тоа со побрзо темпо). Исто така, проширени се и морските заштитени подрачја.

Сепак, генерално, вели таа, сликата е загрижувачка. Веќе високите стапки на загуба на биодиверзитетот поради уништувањето на живеалиштата, хемиското загадување и инвазивните видови ќе се зголемат во наредните 30 години како резултат на климатските промени и растечкото човечко население. До 2050 година, се очекува Африка да изгуби 50 отсто од своите птици и цицачи, а азискиот риболов целосно да се распадне. Губењето на растенијата и морскиот живот ќе ја намалат способноста на Земјата да го апсорбира јаглеродот, создавајќи маѓепсан круг.

„Бројките се поразителни“, вели поранешната романска министерка за животна средина. „Се надевам дека нема да бидеме првиот вид што ќе го документира сопственото изумирање“.

И покрај слабата реакција на владата за оваа егзистенцијална закана, таа вели дека нејзиниот оптимизам за она што таа го нарекува „инфраструктура на животот“ и понатаму постои.

Една причина за надеж е тоа што научниците почнаа погласно да алармираат за ова прашање, а и интересот на бизнис заедницата расте. Минатиот месец, највисоките институции и научници за клима и биолошка разновидност на ОН го одржаа својот прв заеднички состанок. Тие откриле дека решенијата базирани на природата – како што се заштитата на шумите, садење на дрвја, обновување на земјиштетто и управување со почвата – може да обезбедат една третина од апсорпцијата на јаглерод потребни за да се задржи глобалното затоплување во рамките на параметрите на Парискиот договор. Во иднина, двете групи на ОН, за климатски прашања и за биолошка разновидност, треба да дадат заеднички проценки. Таа, исто така, истакна дека иако политиката во некои земји се движи во погрешна насока, има и позитивни настани, на пример францускиот претседател Емануел Макрон е првиот светски лидер кој неодамна изјави дека климатското прашање не може да се реши ако не се спречи загубата на биодиверзитетот . Ова ќе биде на агендата на следниот самит на Г7 во Франција.

„Работите се движат. Постои многу добра волја“, рече таа. „Треба да бидеме свесни за опасностите, но не и парализирани поради неактивност. Сè уште е во наши раце, но прозорецот за дејствување се стеснува. Ни требаат повисоки нивоа на политичка и граѓанска волја за поддршка на природата “.

Преземено од: samoprasaj.mk
Насловна фотографија: Алфа ТВ

Остави одговор

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.