Оној што се сеќава и ги сака Џенис Џоплин, Џули Дрискол и Кристин Перфект, ќе најде време и за Меги Бел (родена на 12 јануари 1945 година во Мерихил, Глазгов, Шкотска). Меги Бел, британскaта колешкa на легендарната Џенис Џоплин, извонредна шкотска блуз пејачка е жена со успешна соло кариера во 70-тите.


Таа објави два албума кои ја доведоа на врвот на сите англиски и американски топ листи. Може да се каже дека таа е една од најуспешните британски рок пејачки на сите времиња. Меги израснала во чадот на американските клубови во Германија. Како најдобра шкотска пејачка на сите времиња, таа стана славна предводејќи ја групата „The Stone The Crows”. Четири пати е прогласувана за најдобар британски рок глас и кога се чинеше дека ништо не ја дели од светскиот престол, свршеникот и гитарист погинува на сцената на која што настапувале. Скршена,таа го растура бендот и започнува соло кариера.
Со два големи соло албуми се рангира меѓу првите десет во Америка. Големата Бет Мидлер ќе каже дека бела жена никогаш не снимила ништо подобро од Меги.
Црнците мислеле дека таа е нивна, а останатите се колнеле дека духот на Џенис се преместил на побезбедно место. И тогаш, Меги едноставно, исчезнува. Подоцна се слуша дека пее во некои серии. Се шпекулира дека глуми низ Франција, па дека живее во Холандија, потоа во Германија. Дваесет години подоцна, ја сними песната “Mean City”, која ќе стане химна на Глазгов. Музиката на Меги Бел е вистинска – без семплови, маркетинг и ПР услуги. На сцената, без страв таа ја живее вистината, го дава срцето.
Меги Бел е една од причините за магијата на рок музиката. Дамата која пееше блуз со Род Стјуарт, “Лед Цепелин”, “Бед Компани”, во операта “Томи”, кога ќе го ослободи нејзиниот “изгребан“ глас, тоа не е концерт, туку вистински празник. Има нешто во шкотското млеко, вода или виски што му дава на светот пејачи како што се Френки Милер, Алекс Харви, Џон Мартин, Ани Ленокс, Јан Гилан, Род Стјуарт, Марк Нофлер и Меги … жена, која го симболизира трнот, национален цвет на Каледонија. Колку судбина, болка и вистина за пет минути во секоја нејзина песна …

Остави одговор

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.